Иднината на геодетската професија, во посета на АКН

Иднината на геодетската професија, во посета на АКН

Денеска, на 6 мај, идните колеги, геодети, беа во посета на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија. Студентите од катедрата по геодезија на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, предводени од професорите Србиноски и Димов, дознаа како функционира АКН, како е поставена Агенцијата во легислативниот систем на државата, кои се нејзините ингеренции, односно што конкретно се работи во АКН.

Подоцна, студентите се запознаа со тоа како функционираат повеќе сектори во Агенцијата што се од посебна важност за идните геодети, односно во кои можат понатаму стручно да се усовршуваат, па можеби и да се вработат во иднина.

Во секторот за геоматика, во одделението за графички регистар на градежно земјиште и воспоставување и водење на катастар на инфраструктурни објекти, како дел од катастарот на недвижности им беше детално презентирана работата на одделението.

Понатаму, во секторот за геодетски работи, во одделението за картографија и фотограметрија и во одделението за основни геодетски работи, им беше презентиран начинот на нивното функционирање, посебно што конкретно тие би работеле како геодети во овие одделенија. Студентите беа запознаени и со Македонскиот позиционен систем МАКПОС, неговата поставеност и функционирање.

Оваа интересна посета, за идните колеги геодети беше од голема важност и исклучителна можност да ја спојат теоријата со практичната работа.