Одржана работилница: „Најдобри практики и научени лекции за воспоставување на Адресен регистар“

Одржана работилница: „Најдобри практики и научени лекции за воспоставување на Адресен регистар“

На 6 март, 2019 година, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, одржа работилница насловена: „Најдобри практики и научени лекции за воспоставување на Адресен регистар“. На работилницата присуствуваа претставници од општините од државата, кои ќе имаат голема улога во целиот процес на воспоставување на Адресниот регистар во нашата држава.

Воспоставувањето на Aдресниот регистaр значи воведување на единствен централизиран систем на адресни податоци кој треба да овозможи управување и одржување на овие податоци од едно место во единствена база за сите засегнати страни, надлежни министерства, општини и други институции кои ќе имаат пристап и потреба од адресен податок.

Покрај поздравниот говор, директорот на АКН имаше и своја воведна презентација, по што презентираа и преставниците од Норвешка и Холандија, земји кои имаат добро воспоставен и управуван Адресен регистар, дефинирани јасни процедури и протоколи за работа помеѓу институциите и Регистрите кои го поддржуваат овој систем. Тие говореа за најдобрите меѓународни практики, а беа елаборирани и предизвиците поврзани со Адресниот регистар во Холандија.

На денешната работилница во својата презентација, консултантот за проектите за Адресен регистар во Косово и Црна Гора ги сподели и искуствата за воспоставувањето на адресниот регистар во Косово.

На крајот претставникот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија ги реферираше тековните активности во врска со овој процес кај нас, по што следеше плодна дискусија.

АКН ја зема предвид важноста од потребата за едукација и споделување на позитивните практики и секако за тоа ќе соработува со општините. Агенцијата детално ќе ги разработи сите можни примери, за општините понатаму полесно да можат да ги спроведуваат потребните активности, за што Агенцијата веќе изработува Упатство за воспоставување на овој Регистар.

Материјалите од одржаната работилница можете да ги најдете на следните линкови (линк1, линк2, линк3, линк4).