Прв Македонско-Бугарски проект во областа на геодезијата

Прв Македонско-Бугарски проект во областа на геодезијата

На 21 и 22 февруари 2019 година, делегација на Агенцијата за катастар на недвижности, предводена од директорот Борис Тунџев, оствари работна посета на Агенцијата за геодезија, картографија и катастар на Република Бугарија. За време на работната средба беа разгледани резултатите од реализацијата на „Проектот за поврзување на нивелманските мрежи од висока точност на Република Северна Македонија и Република Бугарија“, при што заеднички е изразено задоволство од остварената соработка и постигнатите резултати во рамките на овој проект, кој со реализација започна во јануари 2018 година.

Поврзувањето на нивелманските мрежи од висока точност на Република Северна Македонија и Република Бугарија е реализирано во текот на 2018 година преку остварување на три нивелмански врски на релациите: Деве Баир – Ќустендил, Делчево – Благоевград и Ново Село – Петрич, со вкупна должина на нивелманските линии од околу 75 километри.

Со остварувањето на овие нивелмански врски, нивелманската мрежа од висока точност на Република Северна Македонија практично станува дел од Обединетата европска нивелманска мрежа (UELN).

Во скоро време ќе следува верификација на резултатите од проектот од страна на стручните тела на EUREF (европската референтна рамка) и формално ќе биде потврдено приклучувањето на македонската нивелманска мрежа во Обединетата европска нивелманска мрежа.