Потпишан договорот за ЛИДАР скенирање на Република Македонија

Потпишан договорот за ЛИДАР скенирање на Република Македонија

Во просториите на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, на 19 декември 2018 година, беше потпишан трипартитен договор за ЛИДАР скенирање на Република Македонија.

Норвешкото Министерство за надворешни работи преку Норвешката агенција за картирање, финансиски ги помагаат земјите од Балканот да го подобрат пристапот до ажурни географски податоци и до основните регистри, во периодот октомври 2017 – октомври 2020 година. Кај нас, преку овој проект, ќе се воспостави дигитален модел на теренот на државата, но и ќе се изградат капацитети за чување и дистрибуција на тие теренски податоци во дигитална форма.

Проектот на Агенцијата за катастар на недвижности – Создавање на дигитални податоци за теренот неопходни за ублажување на ризикот од поплави, следење на поплави и за дејствување во ситуации на поплави, како и за намалување на трошоците за инфраструктурни проекти и подобрување на заштитата на животната средина и мониторингот и просторно планирање е поддржан со 7.500.000,00 норвешки круни.

Дигиталниот модел на теренот ќе го изготви „МГГП Аеро“ од Полска, а овој модел е дел од Стратегијата за националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) на Република Македонија, согласно европската ИНСПИРЕ Директива.