Прв релативен гравиметар во Македонија

Прв релативен гравиметар во Македонија

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија од неодамна поседува дигитален високо прецизен, релативен гравиметар од типот SCINTREX CG-6 Autograv. Неговата точност на одредување на релативната вредност на земјиното забрзување е +/- 5 микрогали.

Гравиметарот наоѓа примена во многу области, а е наменет за мерење на релативната вредност на забрзувањето на силата на земјината тежа. Податоците од мерењата се користат: во рударството, геологијата, хидрологијата, сеизмологијата, при проектирање и изведба на патна и железничка инфраструктура, брани, во метеорологијата и сл.

Во геодезијата пак, податоците од гравиметриските мерења се од исклучителна важност за дефинирање на висинскиот референтен систем на државата, но и за одредување на геоидот, односно нултата нивовска површина, од која што практично се одредуваат висините на точките. Тоа директно влијае на точноста на одредување на геопросторните податоци, односно координатите на карактеристичните точки, со кои се дефинираат недвижностите во катастарот на недвижности.

Покрај тоа што Македонија прв пат поседува ваков вид на инструмент, од оваа последна генерација релативни гравиметри, овој е единствен и во регионот.