Колегите од АГКК од Бугарија во посета на АКН

Колегите од АГКК од Бугарија во посета на АКН

Деновиве (22 и 23 август), делегација на Агенцијата за геодезија, картографија и катастар на Република Бугарија е во студиска посета на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, на генералната дирекција и на Центарот за катастар на недвижности Скопје.

Откако директорот на АКН – Борис Тунџев и директорката на АГКК – Виолета Коритарова, разменија мислења за статусот на активностите и актуелностите во двете институции, се дискутираше за степенот на реализацијата на тековните активности од проектот „Поврзување на нивелманските мрежи на Република Македонија и Република Бугарија“.  Потоа, преку пригодни презентации беа претставени работата на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, основните геодетски работи и картографијата, како и дистрибутивните системи на АКН. Беше направена и презентација на одделенијата во АКН. Вториот ден од престојот на гостите од Бугарија е резервиран за посета на Центарот за катастар на недвижности – Скопје.

Плодната соработка помеѓу двете институции е резултат на долгогодишното пријателство на двете сродни институции, но се должи и на Меморандумот за соработка, потпишан на 23 ноември 2017 година, кој се однесува на основните геодетски работи, картографијата, катастарот на недвижности, геоинформатиката и инфраструктурата на просторните податоци.