XXVI Конгрес на Меѓународната федерација на геодети

XXVI Конгрес на Меѓународната федерација на геодети

XXVI Конгрес на Меѓународната федерација на геодети – ФИГ се одржа во Истанбул, Турција, во периодот од 6 до 11 мај. Претставници на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија и на Геодетската комора на Република Македонија учествуваа на овој голем и значаен настан, важен за професионалната геодетска заедница.

Конгресот годинава, покрај генерално собрание на ФИГ, кое се одржа во два дела, имаше и четири пленарни сесии, единаесет технички сесии поделени во 8 групи и состанок на работните комисии. Во рамките на Конгресот беше организирана и изложба на професионалните приватни компании и неколку јавни институции.

На Конгресот на Меѓународната федерација на геодети, чија тема годинава беше „Прифаќањето на нашиот паметен свет каде што континентите се поврзуваат: подобрување на геопросторната зрелост на општествата“ се разгледуваа и дискутираа важни теми и прашања за меѓународната геодетска заедница, а посебен фокус беше ставен на мотивацијата на геодетите од целиот свет за подобрување на вештините и квалификациите за „Геопросторна трансформација на светот“, за што беа презентирани најдобрите практики од различни организации.

Агенцијата за катастар на недвижности на Kонгресот се претстави со презентацијата под наслов „Геодетски, картографски и катастарски активности во Република Македонија“. Дополнително, беа остварени повеќе средби, како на пример со претседателот на ФИГ, Генералната команда за картирање на Република Турција, Турскиот катастар, Комората на геодетски комапнии од Турција, како и со претставниците од холансдскиот, шведскиот и норвешкиот катастар.

На конгресот, со мнозинство гласови, за нов претседател на FIG, за периодот 2019-2022 беше избран, професор д-р Рудолф Штајгер од Германија. Исто така одлучено е наредниот конгрес на ФИГ во 2022 година да се одржи во Кејп Таун, во Јужна Африка.