Директорите на Агенциите за катастар од балканскиот регион на работна средба во Осло

Директорите на Агенциите за катастар од балканскиот регион на работна средба во Осло

Претставници од норвешката Агенција за геодезија и картографија (Statens kartverk) и претставници од националните агенции за геодезија, картографија и катастар од регионот одржаа работна средба на 17-18 април 2018 година во Осло – Норвешка.

Средбата беше во рамките на Проектот кој се однесува на подобрување на пристапот до ажурни географски информации и до основните регистри, во земјите од Западен Балкан, за кој Норвешката Агенција за геодезија и картографија потпиша договор за финансирање со Норвешката влада. Неговото траење е од октомври 2017 до октомври 2020 година.

Целта на работната средба беше нотирање на можностите за одредување на регионален геоид за територијата на земјите од Западен Балкан. Претставниците од секоја земја го презентираа статусот на активностите на основните геодетски работи и на идните развојни проекти од областа на основните геодетски работи, поврзани со геодетската референтна инфраструктура, со посебен акцент на висинските системи и оредувањето на националните геоиди. Врз основа на сознанијата ќе се утврдат потребите кои понатаму ќе бидат основа за дефинирање на иден регионален проект.

Во рамките на посетата, претставниците на Агенцијата за катaстар на недвижности остварија и посебна работна средба со г-ѓа Елена Буш, проект-менаџер на проектот „Воспоставување дигитален модел на теренот на Република  Македонија и изградба на капацитети во Агенцијата за катастар на недвижности за чување и дистрибуција на дигиталните податоци за теренот“. На средбата беше разговарано за зацртаните проектни активности, како и за планот и динамиката за нивна реализација.