Достапност на геопорталот на АКН – 24 часа дневно

Достапност на геопорталот на АКН – 24 часа дневно

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, на веб страната https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/ ги има објавено катастарските планови за сите катастарски општини на територијата на Република Македонија, кои се ажурираат редовно и тие се достапни за пошироката јавност.

Трансакциите на имот (недвижности), Агенцијата за катастар на недвижности ги регистрира секојдневно, по барање на странка или по службена должност, согласно Законот за катастар на недвижности. Истовремено, во базата на податоци се ажурираат и алфанумеричките податоци (имотен лист) и графичките податоци (катастарски план).

АКН својата база во врска со катастарските податоци ја ажурира за помалку од еден час. Тоа значи дека катастарските податоци (имотен лист) како и катастарските планови, веднаш, бесплатно се достапни на увид на јавноста преку порталот на АКН (OSSP – One Stop Shop Portal) https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/ Користејќи го графичкиот приказ од катастарските планови, преку бројот на катастарската парцела може да се пребараат и податоците за недвижностите (парцелите, зградите) и носителите на правата на недвижностите, (нивните сопственици).

Геопорталот на податоци и сервиси на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија (ОССП) обезбедува податоци, информации и услуги за граѓаните и за професионалните корисници (приватни геодетски фирми, нотари, адвокати, општини, министерства итн.). Преку овој систем, АКН нуди еквивалент на едношалтерскиот систем. Порталот нуди информации, податоци и сервиси од катастарот на недвижности, заедно со електронскиот катастар (еКАТ), како и податоците од геодетско-катастарскиот информациски систем (ГКИС). Со овој систем се поедноставува и забрзува пристапот и протокот на информации и податоци до сите корисници.

Базата на АКН, на интернет е достапна 24 часа, за сите правни и физички лица во земјата и во странство.