Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија домаќин на проектниот тим од Норвешката агенција за картографија

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија домаќин на проектниот тим од Норвешката агенција за картографија

Во периодот од 12 до 15 февруари 2018 година, Агенцијата за катaстар на недвижности на Република Македонија беше домаќин на проектниот тим од Норвешката агенција за картографија, со што официјално започнува LiDar проектот.

Норвешкото Министерство за надворешни работи и Норвешката агенција за картографија, финансиски ќе им помогнат на земјите од Балканот (Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора) да го подобрат пристапот до ажурните географски информации и до основните регистри. Реализацијата на проектот ќе трае до октомври 2020 година.

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија аплицираше со темата „Создавање на дигитални податоци за теренот, неопходни за ублажување на ризикот од поплави, следење на поплави и за дејствување во ситуации на поплави, како и за намалување на трошоците за инфраструктурни проекти и подобрување на заштитата на животната средина и мониторингот и просторно планирање“.

Преку проектот ќе се воспостави дигитален модел на теренот на Република Македонија и ќе се изградат капацитети во Агенцијата за катастар на недвижности за чување и дистрибуција на дигиталните податоци за терен. Со тоа, ќе се добие модел на теренот за една третина од територијата на Република Македонија и ќе се воспостави институционален капацитет во Агенцијата за катстар на недвижности за чување и дистрибуција на податоци за теренот.

Дигиталниот модел на теренот на Република Македонија е основа за вршење на најразлични квалитативни и квантитативни анализи на содржината на земјината покривка и во комбинација со ортофото снимки ќе најде голема примена во катастарот, урбанизмот, земјоделието, заштитата на животната средина, кризниот менаџмент, одбраната како и за потребите на многу други институции кои користат геопросторни податоци. Дигиталниот модел на теренот воедно е дел од Анекс 2 од Стратегијата за Националната инфраструктура на просторни податоци (НИПП) на Република Македонија, согласно европската „ИНСПИРЕ“ директива.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *