Услуги и производи » Запишување на недвижности во катастарот на недвижности кои останале со незапишани права

Запишување на недвижности во катастарот на недвижности кои останале со незапишани права

Запишувањето на незапишаните права на недвижностите по востановен катастар на недвижности се врши за недвижности што останале со незапишани права при систематското запишување (неизложени).

Запишување на недвижностите кои останале незапишани се врши со поднесување на пријава за запишување, кон која се приложува правен основ за запишување согласно член 174 од Закон за катастар на недвижности, геодетски елаборат и доказ за платен надоместок.

Доколку повторно се доставува пријава од причини што претходно доставената пријава за иста недвижност билa одбиена, кон пријавата не се приложува доказ за платен надоместок.

Доказ за платен надоместок не се приложува за недвижностите за кои во постапката на систематското запишување на правата на недвижностите, носителот на правото се одзвал на поканата или поднел пријава за запишување, а истите останале со незапишани права, а кога предмет на запишување е земјиште на кое нема изградено објект, кон пријавата не се приложува геодетски елаборат.

За недвижностите со незапишани права кои се наоѓаат во катастарски општини за кои катастарот на недвижности бил востановен врз основа на премерот од катастарот на земјиште, доколку предмет на запишување е земјиште на кое нема изградено објект, кон пријавата не се приложува геодетски елаборат.

За недвижностите со незапишани права кои се наоѓаат во катастарски општини за кои пред влегувањето во сила на катастарот на недвижности бил во сила катастар на земјиште востановен врз основа на попис (пописен катастар), за кои ќе се утврди дека носителот на правото бил евидентиран во соодветниот пописен блок, кон пријавата за запишување се приложува само правен основ за запишување. Доколку на земјиштето има изградено објект, кон пријавата се доставува и геодетски елаборат.

За недвижностите со незапишани права кои се наоѓаат во катастарски општини за кои пред влегувањето во сила на катастарот на недвижности бил во сила катастар на земјиште востановен врз основа на попис (пописен катастар), за кои ќе се утврди дека подносителот на пријавата бил евидентиран во соодветен пописен блок, а за катастарската парцела и објектите не се прибрани податоци при премерот, кон пријавата за запишување се прилoжува само правен основ за запишување и геодетски елаборат.

  • Правен основ за запишување согласно член 174 од ЗКН:
  • закон,
  • правосилни судски одлуки,
  • одлуки за привремена мерка, претходна мерка и други акти за обезбедување на побарувања согласно со закон,
  • одлука на Владатана Република Македонија,
  • конечни, односно правосилни акти на органите на државната власт (правосилно решение за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, решение за експропријација и др.), на органите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје (решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект, одобрение за градење со комплет градежно-техничка документација и др.), правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања (нотар, извршител, органи на единиците на локална самоуправа-Општина и на градот Скопје),
  • правни дела (договор за купопродажба/дар/физичка делба/размена, доживотна издршка, наследно решение и др.  заверени од надлежниот орган на Управа за приходи со доказ за регулиран данок на промет на недвижности), и
  • изјави заверени кај нотар врз основа на кои може да се изврши запишување на правата на недвижностите, или за прифаќање на ново утврдената гранична линија и прифаќање на фактичка состојба дадени кај овластениот геодет составен дел на геодетскиот елаборат, чие поднесување е задолжително утврдено со овој или со друг закон.
  • По исклучок од ставот (1) од член 174 во постапката на запишување на недвижностите кои останале со незапишани права, ако не постојат основите од ставот (1) на овој член, правото на сопственост на земјиштето и правото на сопственост на објектите сметано до приземје, кои биле евидентирани во катастарот на земјиште, ќе се запише врз основа на податоци од катастарот на земјиште.
Тарифник
Пријава