Стекнување овластување за овластен геодет

Стекнување овластување за овластен геодет

Воведувањето на приватната геодетска практика за вршење на оперативните (теренски) геодетски работи од премерот, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите и вршење на геодетските работи за посебни намени што се во врска со премерот и катастарот на недвижностите, за прв пат е овозможено со измените и дополнувањата на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите во 2005 година.

Вакво законско решение е предвидено и во новиот Закон за катастар на недвижности. Со овластување за овластен геодет може да се стекне секое физичко лице што ги исполнува следниве услови:

  • да е државјанин на Република Македонија или на држава-членка на Европската унија;
  • да има стекнато најмалку 300 кредити според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) од областа на геодезијата или студии по геодезија со завршен VII/1;
  • да има најмалку две години работно искуство за геодетски работи, по стекнувањето на условите од претходната точка
  • да има положено испит за стекнување овластување за овластен геодет.
Испитот се полага пред Комисија за полагање испит за овластен геодет при Агенцијата, врз основа на одредена програма. За полагање на испитот се плаќа надоместок на Агенцијата.

Надоместокот се плаќа на образец ПП 50, на жиро-сметка на АКН: 2100100450 787 11 на приходна шифра 725939 20.

Агенцијата е должна по спроведувањето на испитот во рок од пет дена да ги извести лицата кои не го положиле испитот, а на лицата кои го положиле испитот да им издаде овластување.

Издадените овластувања за овластени геодети Агенцијата ги запишува во Именикот на овластени геодети што го води Агенцијата.

Продолжување на овластување за овластен геодет

Овластувањето за овластен геодет се издава за период од пет години. За продолжување на овластувањето за овластен геодет, имателот на овластувањето, шест месеци пред истекот на рокот за важење на издаденото овластување, до Агенцијата поднесува барање. Кон барањето, имателот на овластувањето приложува и сертификат, издаден од Агенцијата, дека во текот на петте години посетувал по 30 часа годишна континуирана обука од областа на геодетските работи извршена од страна на Агенцијата, од кои најмалку 20 часа се обуки поврзани со катастарот на недвижностите, како и доказ за платен надоместок за продолжувањето. Имателот на овластувањето вработен во Агенцијата, наместо сертификат доставува потврда за работен однос.

Странски овластен геодет

Странски геодетски инженер, со овластување од држава-членка на Европската унија,  може да извршува геодетски работи на територијата на Република Македонија, доколку геодетските работи ги извршува согласно со законите и другите прописи на Република Македонија од областа на геодетските работи.

Странски геодетски инженер, со овластување од друга држава, може да врши геодетски работи на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет, доколку геодетските работи ги извршува согласно со законите и другите прописи на Република Македонија и доколку овластувањето за геодетски работи му биде потврдено од страна на Агенцијата со решение.

Висина на надоместок
Листа на овластени геодети