Реализирани проекти » Изготвување стратегија за трансформација на македонскиот државен координатен систем во глобален координатен систем

Изготвување стратегија за трансформација на македонскиот државен координатен систем во глобален координатен систем

На барање на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија (АКН), Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) го испрати експертот г. Кохеи Мијагава (Kohei Miyagawa) од Географскиот институт за премерување на Јапонија (GSI) за да ѝ помогне на АКН во изготвувањето стратегија за трансформација на македонскиот државен координатен систем, во глобален координатен систем.

Се работи за продолжување на повеќегодишната континуирана поддршка која што „JICA“ ѝ ја дава на АКН за јакнење на капацитетите. Се реализираат конкретни проекти, а експерти ги обучуваат стручните лица од АКН за применување на модерните технологии за премерување, картографија и ортофото продукција.

Целта на проектот е да се створат предуслови за употреба на Европскиот терестрички референтен систем ETRS89 – стандард за работење во земјите на Европската унија, а кој Република Македонија како земја аспирант за членство во ЕУ е должна да го имплементира.

Проектот е реализиран во периодот од септември 2009 година до март 2010 година, во три засебни мисии на јапонскиот експерт.

Во рамките на проектот, г. Мијагава, преку дискусии, предавања и презентации, на стручните лица од АКН им ги пренесе јапонските искуствата поврзани со трансформацијата на јапонскиот државен координатен систем во глобален координатен систем. Разгледани беа и анализирани и искуствата на поранешните југословенски републики кои веќе имплементирале одреден глобален координатен референтен систем, како што се Словенија, Хрватска и Србија.

Како резултат на вкупниот ангажман на г. Кохеи Мијагава, на крајот на мисијата, изготвен е Технички извештај, во кој покрај описот на активностите спроведени во рамките на проектот и резулататите од направените анализи, дадени се и конкретни препораки за начинот на дефинирање и материјализација на новиот координатен систем во Република Македонија и за начинот на трансформација на стариот државен координатен систем, во нов глобален координатен систем.

Резултатите од проектот беа јавно презентирани пред поширок круг на заинтересирани стручни лица – геодети, како од АКН, така и од Комората на овластени геодети во Република Македонија.

Галерија на слики: