Професионални корисници » Регистар на цени и закупнини на недвижностите

Регистар на цени и закупнини на недвижностите

Агенцијата за катастар на недвижности на 18 март 2015 година го воспостави Регистарот на цени и закупнини со што им се овозможи на граѓаните на Република Македонија пристап до сите информации поврзани со трансакциите на недвижниот имот. Преку ГИС порталот на Агенцијата, граѓаните можат да ги добијат сите информации за одредена трансакција, односно нејзината микролокација, катастарската општина на чија територија е извршена трансакцијата, типот на трансакцијата (продажба, закуп итн.), вредноста, валутата во која е изразена вредноста, површината на парцелата и датумот кога е реализирана трансакцијата.

До почетокот на имплементацијата на Регистарот на цени и закупнини на недвижностите, сите физички или правни лица кои сакаа да купат или да продадат имот, или да дадат или земат под закуп недвижен имот, се соочуваа со проблемот на недоволен број податоци и информации за цените од пазарот на недвижности и се потпираа на несигурни и неофицијални податоци од луѓе или правни лица кои купуваа или продаваа имот.

За да се овозможи јавен пристап до овие информации, Агенцијата за катастар на недвижности најпрво направи анализа на состојбите во Република Македонија и измени на Законот за катастар на недвижности. Со измените на Законот за катастар на недвижности усвоен во април 2013 година („Службен весник“ 55/2013), Агенцијата е надлежна за воспоставување на системот за масовна проценка. Реализацијата на проектот започна со изготовка на Студијата за воведување на системот за масовна проценка на недвижностите во Република Македонија од експертот Душан Митровиќ од Република Словенија, кој заедно со одбран тим од Агенцијата започна со работа во септември 2013 година. Студијата овозможи детални насоки за воспоставување на системот за масовна проценка, детаљна анализа на состојбата во Република Македонија, пред сѐ во делот на пазарот со недвижности, како и наплата на данокот на имот и промет, детален акциски план со зацртани активности за да се воспостави систем за масовна проценка на недвижностите. Еден од главните проблеми кои произлегоа од направената анализа беше малата транспарентност на пазарот со недвижности, односно малиот број информации за јавноста во врска со недвижностите, нивната вредност, карактеристиките, како и информациите за атрактивноста на одредена локација.

Со цел да се зголеми транспарентноста на пазарот на недвижности се направија промени во Законот за катастар на недвижности („Службен весник“ 115/2014) усвоени во август 2014 година со што Агенцијата стана надлежна за воспоставување и одржување на Регистарот на цени и закупнини. Регистарот на цени и закупнини претставува јавен регистар во кој се евидентираат сите трансакции со недвижностите, цената која е содржана во правниот основ за промет со недвижностите, како и други податоци содржани во изјавите кои ги даваат продавачите/закуподавците на недвижноста заверени кај нотар.

Во март 2015 година, начинот на водење, формата и содржината на Регистарот на цени и закупнини и формата и содржината на изјавата дадена од продавачот/закуподавецот заверена кај нотар се уредени во Правилник за начинот на водење, формата и содржината на регистарот на цени и закупнини и формата и содржината на изјавата дадена од продавачот/закуподавецот заверена кај нотар, објавен во „Службен весник“ на РМ бр. 40 од 13.3.2015 година и Правилник за изменување на правилникот за начинот на водење, формата и содржината на регистарот на цени и закупнини и формата и содржината на изјавата дадена од продавачот/закуподавецот заверена кај нотар објавен во „Службен весник“ на РМ бр. 64 од 21.4.2015 година.

Во овој период беше воспоставено и Одделението за масовна проценка на централно ниво како составен дел на веќе постоечкиот Сектор за геоматика. Во одделението работат 5 референти кои се задолжени за верифицирање на секоја трансакција одделно, како и за одржување и ажурирање на Регистарот на цени и закупнини.

По воспоставувањето на сите технички и правни услови, на 18 март 2015 година, со првиот упис на трансакција за купопродажба беше воспоставен Регистарот на цени и закупнини.

Во период од 4 месеци, односно од 18.3.2015 до 17.7.2015 година, во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 7233 трансакции низ целата територија на Република Македонија кои се однесуваат за купопродажба на недвижности, закуп на недвижности, откуп од Република Македонија, продажба преку лицитација и купопродажба од инвеститор. Доколку го поделиме бројот на трансакциите по типови трансакции, тогаш може да се забележи дека 55%, односно 3994 трансакции се продажба на недвижности, 42% односно 3008 трансакции отпаѓаат на закупите и мал дел, односно 123 отпаѓаат на откуп од Република Македонија, 98 на продажба на недвижности од инвеститори и само 10 трансакции се однесуваат на продажба преку лицитација.

Покрај граѓаните, од овој регистар голема полза ќе имаат и огромен број институции и приватни бизниси. За таа цел е потпишан Меморандум за соработка со Комората на проценувачи на Република Македонија, со која ќе се воспостави и база на проценки на недвижностите во Република Македонија.

Соработката помеѓу Комората на проценувачи на РМ и Агенцијата за катастар на недвижности ќе се реализира преку:

воспоставување и одржување на базата на процени;
учество во пилот-проект за масовна проценка на недвижности;
спроведување обуки од областа на процената, односно масовната проценка на недвижностите;
доставување податоци кои можат да бидат од значење за работата на Комората и на АКН;
други активности од заеднички интерес кои произлегуваат од надлежностите на двете институции;
со цел имплементација на Меморандумот за соработка, АКН ќе ја воспостави и ќе ја одржува базата на процени и ќе обезбеди бесплатен пристап на проценувачите до базата.

При изготвувањето на процените, проценувачите кои се членови на Комората ќе можат бесплатно да ги користат податоците од базата на процени.

Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.01.2019 – 31.03.2019 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.10.2018 – 31.12.2018 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.07.2018 – 30.09.2018 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.04.2018 – 30.06.2018 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.01.2018 – 31.03.2018 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.10.2017 – 31.12.2017 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 01.01.2018 – 31.03.2018 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 18.3.2015 – 31.8.2015 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.09.2015 – 31.12.2015 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.01.2016 – 31.03.2016 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.04.2016 – 30.06.2016 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.07.2016 – 30.09.2016 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.10.2016 – 31.12.2016 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.1.2017 – 31.3.2017 година(.pdf)
Извештај од регистарот на цени и закупнини за периодот 1.3.2017 – 30.6.2017 година(.pdf)