Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

Прашање: Имам поседовен лист, но истиот не ми го признаваат како валиден документ со кој можам да ја докажам сопственоста врз мојот имот. Што е разликата меѓу поседовен и имотен лист? 
Одговор: Имотниот лист е јавна исправа со која се докажува запишаното право на сопственост и други стварни права на недвижностите во согласност со закон. Имотниот лист содржи податоци за: катастарските парцели, зградите и посебните делови од зградите и други објекти, носителите на правата на недвижностите, правото на сопственост и други стварни права на недвижностите, како и други права чие запишување е утврдено со закон, правната основа на запишување, висината на побарувањето што се обезбедува со заложното право, предбележувања и прибележувања. Во поседовниот лист се евидентираат податоци за земјиштето, односно за катастарските парцели и нивните корисници во согласност со Законот за премер и катастар на земјиште, и тој не е доказ за запишаното право на сопственост.

Прашање: Кој е законски рок за постапување по поднесена пријава за запишување? 
Одговор: Доколку Вашиот недвижен имот веќе е запишан во катастарот на недвижности, на Ваше барање можете да добиете имотен лист истиот ден. Доколку, пак, Вашиот имот не е запишан во катастарот на недвижностите, ќе треба да поведете постапка за запишување во катастарот на недвижности, што трае 15 дена. По истекот на рокот, на Ваше барање можете да добиете имотен лист.

Прашање: Зoшто не ги врши Агенцијата за катастар на недвижностите работите од областа на оперативната геодетска работа, туку ги вршат приватните геодетски фирми? 
Одговор: Во согласност со измените и дополнувањето на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижности, во 2005 год. е воведена приватна геодетска дејност за вршење на оперативните (теренски) геодетски работи од премерот, со цел да се забрза постапката на запишување во катастарот на недвижностите. Вакво законско решение е предвидено и во новиот Закон за катастар на недвижности („Сл.весник на РМ “ бр.40/2008). Во делокругот на работата на приватните геодетски фирми спаѓаат: делба на парцели и спојување парцели, снимање на промените настанати со изградба и доградба на објекти, подготвување нумерички податоци, изработка на геодетски елаборат за запишување во катастарот на недвижности, изработка на геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени кои се од влијание за одржување на катастарот на недвижностите, како и вештачењата. Приватните геодети за извршените работи наплаќаат паричен надоместок. Висината на надоместокот за извршени услуги на приватните геодети се утврдува според тарифник, и тоа според обемот и сложеноста на работата, оддалеченоста и теренските услови.

Прашање: Дали врши АКН контрола врз работата на приватните геодетски фирми? 
Одговор: Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) врши надзор на законитоста на работењето на трговците-поединци (овластени геодети) и на трговските друштва за геодетски работи, по службена должност или по пријава на странка. При вршење на надзорот се утврдува дали фирмата работи во согласност со законот и со подзаконските акти. Доколку се утврди дека постојат одредени неправилности и незаконитости во работењето на приватната геодетска фирма, АКН ќе донесе решение за одземање на лиценцата за вршење геодетски работи. АКН врши и контрола на валидноста на податоците што ги користела приватната геодетска фирма преку заверка на геодетските елаборати. Дополнителна гаранција поврзана со ангажирањето на приватната геодетска фирма е обврска на приватната фирма, пред да започне со работа да се осигура од одговорност за штетата што би можела да им ја причини на трети лица при вршењето на работите.

Прашање: Каде да се пријават случаите на мито и корупција против службените лица вработени во АКН? 
ОдговорПотребно е да се јавите на бесплатната телефонска линија – 0800 80 800, преку која граѓаните можат да пријават случај на корупција и да го посочат службеникот што побарал поткуп од нив. Дискрецијата од јавувањето на таа линија е загарантирана. На овој начин ние ги охрабруваме граѓаните да ни помогнат да ги откриеме сите понатамошни обиди за корупција.

Прашање: Каде можам да добијам информации за потребните документи за добивање услуга од Катастарот? 
Одговор: Во насока на реформирање на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), преземени се низа конкретни активности чија цел е зголемување на достапноста и протокот на информации за потребните документи, процедурата и времетраењето за добивање одредена услуга. Од неодамна, информации можат да се добијат на бесплатниот телефонски број 0800 80 800, отворена е и специјална телефонска инфо-линија за странски инвестиции и домашни бизнис-компании 02/3171-733 и инфо-линија за грижа на корисници 02/3173-825. која ги нуди сите потребни информации за нашите услуги, и преку неа можете да поставите прашање на кое добивате одговор во рок не подолг од 24 часа. Во АКН, Центарот за катастар на недвижностите – Скопје и во сите подрачни одделенија низ републиката постои шалтер за информации, со цел граѓаните поедноставно и подобро да се информираат за услугите што ги нудиме, како и која документација да ја приложат за запишување на нивниот имот во катастар. Исто така, низ градовите каде што имаме Одделенија за катастар на недвижности спроведуваме и медиумска кампања-,,Отворено со Катастарот” односно одржување работни средби со граѓаните и со нашите стручни тимови, со цел да се надминат и да се решат проблемите на граѓаните од областа на катастарот, како и информирање за правата и обврските на граѓаните и како тие полесно да ги остварат.

Прашање: Зошто не врши премер Катастарот? 
ОдговорСогласно Законот за катастар на недвижности, „Службен весник на РМ” бр. 40/2008, теренските геодетски работи што се однесуваат на основните геодетски работи и премерот ги вршат приватните геодетски фирми, односно трговци-поединци (овластени геодети) и трговски друштва за геодетски работи.

Прашање: Дали може да се извади имотен лист во Скопје за имот што се наоѓа во друг град? 
Одговор: Проектот „Е-кат на Агенцијата за катастар на недвижности“ е успешно завршен и целосно спроведен на целата територија на Република Македонија, така што во Агенцијата за катастар на недвижности, Центарот за катастар на недвижности-Скопје и сите подрачни одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности може да се извади имотен лист за имот што се наоѓа на која било која територија во Македонија, без разлика во кој град се поднесува барањето за имотниот лист. Ова значи дека од Охрид може да се извади имотен лист за Демир Капија, од Струмица за Куманово итн.

Прашање: Каде можам да добијам информации за постапката за приватизација на земјиште? 
Одговор: Информации во врска со постапката за приватизација на градежно земјиште можете да добиете во Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии.

Прашање: Кој треба да поднесе пријава за запишување објект изграден врз основа на градежно-техничка документација, странката-носителот на правото на недвижноста или Општината која го издава одобрението за градење? 
ОдговорСогласно со Законот за изменување и дополнувањата на Законот за градење, Општината по службена должност поднесува пријава за запишување во катастарот и ја доставува потребната градежно-техничка документација.

Прашање: Дали може да поднесе Општината по службена должност пријава за запишување земјиште кое во постапката на систематското запишување останало незапишано-неизложено?
Одговор: Само во случај кога е отпочната постапка за легализација на бесправно-изграден објект, Општината по службена должност може до Катастарот да поднесе пријава за запишување на земјиште кое во постапката на систематското запишување останало незапишано-неизложено.

Прашање: Каде може да се пријави незадоволството од работењето на приватните геодетски друштва или трговец-поединец?
Одговор: До АКН-Сектор за контрола и надзор може да се поднесе претставка за незадоволството од работењето на приватните геодетски друштва или трговец-поединец.

Прашање: Каде може да се пријави незадоволството од работењето на службените лица вработени во Агенцијата за катастар на недвижности? 
Одговор: До АКН-Сектор за контрола и надзор, како и до непосредните раководители на одделенијата може да се поднесе претставка за незадоволството од работењето на вработените лица.

Прашање: По завршување на постапката за легализација на бесправно-изграден објект кои документи се потребни за негово запишување во катастарот на недвижности?
Одговор: Потребно е да се достави пријава за запишување со што ќе приложите: правосилно решение за легализација, урбанистичка согласност и геодетски елаборат за легализација на објектот.

Прашање: Дали можам да пребарувам преку Интернет, односно да извршам увид во катастарските парцели во целата држава? 
Одговор: Преку нашата веб-страница на ГИС-порталот, со најава како регистриран корисник можете да извршите увид во катастарските парцели во целата држава.

Прашање: Која е разликата помеѓу пописен и премерен катастар?
Одговор: Во пописен катастар нема графички приказ на катастарски парцели (мери и граници), туку само описни податоци за бројот на парцелата, лицето на која се води и во кој пописен блок се наоѓа парцелата, додека премерниот катастар се спроведува со постапка на запишување на недвижноста регулирана со закон и подзаконски акт, со изложување на податоците за недвижностите на јавен увид на странките и приложување правен основ за запишување.

Прашање: Кои документи се потребни за да може да се спроведе физичка делба на објект-куќа, стан, деловен простор во две или повеќе посебни станбени единици? 
Одговор: Потребно е да се достави пријава за запишување промена кон која се приложува правен основ-договор за физичка делба солемнизиран кај нотар, геодетски елаборат за физичка делба од приватно геодетско друштво, градежно-техничка документација согласно со Законот за градење (правосилно одобрение за адаптација-пренамена,заверен градежен проект).

Прашање: Која е разликата помеѓу предбележување и прибележување во имотен лист? 
Одговор: Предбележување е условното укнижување на стекнувањето или престанокот на правото на сопственост на недвижност кога е поднесена пријавата за запишување во катастарот на недвижностите, а не се исполнети правните претпоставки, односно условите за запишувањето од членот 130 на Законот за катастар на недвижности и доколку основот за конечното укнижување не е достатно застапен. Во катастарот на недвижности се предбележува и правото на сопственост на зграда и посебен дел од зграда кога се во фаза на градба со запишување податоци за лицата кои имаат право на градење согласно со одобрението за градење и податоците за зградите и посебните делови од згради преземени од основниот проект заверен од надлежен орган. Со доставување доказ дека се исполнети правните претпоставки, односно условите за запишување од член 130 на погоренаведениот закон, се брише предбележувањето и истовремено се укнижува правото на сопственост. Прибележување е запишување факти кои се од влијание за недвижностите, а кои се однесуваат на: лична состојба на носителот на правото (малолетност, починато лице, старателство, одземање деловна способност, продолжување на родителско право, управување со заеднички имот на брачни другари, ликвидација, реорганизација, стечајна постапка и друго), фактот дека на одредена катастарска парцела во тек е изведување градба со што е извршено предбележување на правото на сопственост на зграда и посебен дел од зграда кога е во фаза на градба, со назначување на бројот на листот за предбележување на градба, правото на залог (хипотека) на предбележаното право на сопственост на зграда и посебен дел од зграда кога е во фаза на градба, како и правните дела за промет на предбележаното право на сопственост на зграда и посебен дел од зграда кога е во фаза на градба. Во катастарот на недвижности се прибележуваат и други факти кои се од значење за стекнување, измена, престанок или пренос на правата на недвижноста чие прибележување е предвидено со друг закон.