Актуелни проекти » Проект „Соработка за дигитална демократија”

Проект „Соработка за дигитална демократија”

Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија и Лантматериет (Шведскиот катастар) во 2018 година добија финансиска поддршка од Шведската меѓународна развојна агенција (Swedish International Development Agency – SIDA) за имплементација на проектот „Соработка за дигитална демократија“.

Целта на проектот „Соработка за дигитална демократија“ е да придонесе и да влијае во зајакнувањето на капацитетите во Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија, со развиени деловни практики, со овозможена размена на високо-квалитетни и ажурирани дигитални податоци, а преку нови и подобрени услуги во зајакната демократија, како придонес кон непречена ЕУ интеграција и подобрени услови за живот на сите жители на Македонија.

Вкупниот износ на донацијата е 23 710 406 шведски круни (околу 2.5 милиони евра). Проектот ќе се имплементира во периодот 2019 – 2023 година, а е организиран во пет компоненти:

  1. Воспоставување единствен, точен и одржлив систем на Адресен регистар. Тој ќе обезбеди услуги, алатки и податоци достапни за општините, владините организации (Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за статистика, Централниот регистар и Центарот за управување со кризи), како и јавниот и приватниот сектор. Ова ќе влијае врз зајакнувањето на довербата на граѓаните во владините институции, особено кога се во прашање чувствителни теми како што се гласачките права, правото на имот, пристапот до јавните услуги и правото на еднаква можност.
  2. Воспоставување, развој и одржување на модерна геодетска инфраструктура. Воспоставената модерна геодетска инфраструктура претставува основа за размена на геопросторни податоци во регионот, со земјите на Европската Унија. Ќе ја стимулира употребата на модерни технологии зголемувајќи ја ефикасноста при геодетските мерења, заштитата на животната средина, управувањето со кризи, научните истражувања итн., со што ќе се генерираат точни геопросторни податоци со највисок квалитет во Република Северна Македонија;
  3. Одржлива организација на ИКТ-секторот во АКН. Овој сектор поддржува широк опсег на корисници (владини организации, нотари, приватни геодетски компании, банки, општини, граѓани итн.). Проектот има цел да ја поддржи АКН во процесот на осигурување на достапноста на услугите кои се од суштинска важност за македонското општество. Целта е да се имплементираат нови технологии, стандарди и процеси поврзани со понатамошен развој на ИКТ-секторот.
  4. Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) ќе има ажурирани, точни и добро одржувани просторни податоци, преку националниот НИПП-геопортал.
  5. Скенирани и дигитализирани архивски документи достапни преку интернет. Сите документи од трајна вредност, од централните и од локалните архиви на АКН, ќе бидат скенирани, дигитализирани и ќе бидат на располагање преку АКН, а ќе се овозможи забрзан и дигитализиран процес за решавање на предметите Агенцијата, но и кај професионалните корисници.